Илиевски: Кит Го нуди услови за работи како ретко кој клуб во Македонија

Нов тренер, нови мотиви, нови докажувања, исти цели за ФК Кит Го... Секогаш да се биде меѓу најдобрите. Поранешниот селектор на младата репрезентација на Македонија, Добринко Илиевски - Пижон ја презеде палката на ФК Кит Го во желбата да продолжи етаблирањето на пехчевскиот второлигаш како клуб кој планира сериозен влог во домашниот фудбал.

Популарниот Пижон вели дека едноставно не се одбива понудата од клуб кој ги има едни од најдобрите услови за работа воопшто во Македонија, но и клуб кој е со сериозни планови, не од денес за утре, но за долги патеки во македонскиот фудбал.

„Дојдов во клуб чиј сопственик Кирил Гогов е амбициозен и максимално сериозен во намерата да создаде клуб за респект. Условите што ги нуди Кит Го за работа ги има ретко кој клуб во Македонија“ - вели Илиевски кој дополнува дека понудата ја прифатил затоа што се со речиси еднакви размислувања со раководството на ФК Кит Го.

„Размислувањата ни се поклопуваат во однос на иднината на клубот, да се создаде тим за долги патеки кој би бил составен од млади фудбалери но и од проверени професионалци кои ќе имаат мотив за нови докажувања“ – дополнува Илиевски.



Кит Го во последното коло стигна до убедлива победа против Каменица Саса…

„И натпреварот против Саса покажа дека во клубот има навистина талентирани фудбалери со кои може да се победува, но и простор за нивно дополнително напредување со секојдневна работа на тренинзите, што е наша примарна цел“ – вели новиот тренер на Кит Го, Добринко Илиевски - Пижон.