Варадиновски: Одиме на максимално надигрување со лидерот во Виница

Фудбалерите на Пехчево на стартот од пролетната сезона утре од 14 часот во 16. коло од Втората лига - Исток гостуваат на лидерот во првенството, екипата на Слога од Виница.

Максимално сериозен испит за избраниците на Иван Варадиновски во желбата да се тестираат капацитетите на тимот за продолжението од шампионатот. Во тимот на Пехчево секако владее позитивна атмосфера и силен мотив кај младите фудбалери да се демонстрираа својот квалитет токму против најдобрата екипа во лигата.

„Навистина комплетно сум задоволен од реализираните подготовки во зимскиот подготвителен период. Задоволен сум и од новите фудбалери, кои добро се вклопија во екипата. Одигравме и неколку пријателски  средби на кои е темпирана формата пред стартот на пролетниот дел од шампионатот и од утрешниот натпревар со Слога во Виница. Тоа е еден вид дерби на Истокот, и верувам дека успешно ќе се надигруваме со противникот кој секако е фаворит“ - вели стратегот на Пехчево, Иван Варадиновски.

ФК Пехчево пролетниот дел од шампионатот ќе го очекува со четири засилувања. Нови фудбалери во составот на Иван Варадиновски се голманот Кире Петровски, Даниел Иванов кој пристигна од редовите на Слога Виница, потоа Емир Мустафа како и Михаел Димитриевски кој доаѓа од ФК Њустарс од Скопје. Во тимот за пролетната полусезона ќе бидат и Кире Трпчевски, Зоран Андонов и Анџело Николовски, додека офанзивецот Љупче Кудев по позајмицата изминатава есен се враќа во редовите на Брегалница. Од клубот си заминаа голманот Мартин Давков, како и дефанзивците Оливер Христов и Михаел Милевски.