Иван Варадиновски: Важна победа со Кожуф, квалитетен натпревар во кој играчите ја совладаа онаа психолошка бариера

Шефот на стручниот штаб на Пехчево, Иван Варадиновски не го крие задоволството од победата од 1-0 на екипата против Кожуф во 21. коло од Втората лига - Исток.

Во цврст натпревар сосема заслужено се освоени три бода против повеќе од квалитетната екипа на Кожуф од Гевгелија, со погодокот на Зоран Андонов уште во првото полувреме.

„Дуелот со Кожуф беше навистина од големо значење за нас. Сакам да им честитам на фудбалерите за прикажаната игра. Одигравме квалитетен натпревар во кој играчите успеаја да ја совладаат таа психолошка бариера, затоа што знаевме колку е важен овој натпревар за нас“ - вели Варадиновски.

Тимот на натпреварот против Кожуф повторно се врати на својот терен во Пехчево.

„Можеби влијание за триумфот имаше и тоа што се вративме на нашиот терен во Пехчево. Очекуваме до крајот на сезоната максимална поддршка од нашите навивачи како би успеала во реализацијата на зацртаните цели“ - истакнува стратегот на ФК Пехчево.