Сомнителен пенал за домашните, многу судиски грешки на штета на Пехчево, за на крај реми на гостувањето против Каменица Саса

Фудбалерите на Пехчево одиграа натпревар без победник (2-2) на гостувањето против Каменица Саса во 22. коло од Втората лига - Исток.

Меѓутоа дуелот го одбележаа очигледната тенденциозност на судиската четворка на мечот, а на штета на Пехчево кој беше пред победа на гостувањето во Македонска каменица.

Одлично почна натпреварот за избраниците на Иван Варадиновски, кои веќе по фуриозниот старт имаа 0-2 по само десет минути игра. Најпрво Коцев уште во 5. минута погоди за 0-1, а Зоран Андонов во 9. минута зголеми на 0-2.

Во продолжението се одржуваше ритамот на средината од теренот, иако домашните пред полувремето успеаја да дојдат до намалување на резултатот со голот на Марковски. 

И првите 45 минути од играта беа одбележани од бројни судиски грешки на штета на Пехчево, но кулминацијата беше достигната во 53. минута кога по најпрво досуден гол-аут, сосема неразбирливо, главниот судија ја промени одлуката и досуди непостоечки пенал за Каменица Саса кој успешно го реализираше поранешниот фудбалер на Пехчево, Дарко Алексовски.

Низ целокупната ситуација и тренерот на Пехчево, Иван Варадиновски неопрадано доби жолт картон, наспроти фактот дека гостинските фудбалери беа оштетени. 

До крајот на дуелот во игра без многу шанси, остана поделбата на бодовите за двата тима.

ВТОРА ЛИГА - ИСТОК (22. коло)
Каменица Саса - ПЕХЧЕВО 2-2 (1-2)

Стрелци: Марковски 30', Алексовски 53'(п) (КС) - Коцев 5', Иванов 9' (П)