Актуелно

Варадиновски со осврт на сезоната: Јa исполнивме целта за сезонава и добивме неопходен карактер за тоа што не чека во единствената Втора лига!

Пехчево успеа да го реализира зацртаното низ изминатава 2021/22 сезона во Втората лига - Исток, обезбедувајќи место за следната сезона во единствената Втора лига во македонскиот фудбал.

Стратегот Иван Варадиновски предводејќи го својот млад тим успешно дојде до целта, истакнувајќи дека Пехчево изгради карактер низ изминатава сезона кој ќе биде значање за настапите во следната далеку поквалитетна лига.

„Сметам дека низ актуелната сезона играчите го добија тој потребен карактер кој ќе биде неопходен за следната сезона во која не очекува таа единствена лига која сигурно ќе биде на едно повисоко ниво. Затоа сега ни останува добро да се одмериме и да ја освежиме екипата за следните предизвици“ - вели Варадиновски по крајот на шампионатот.

Изнесувајќи го својот впечаток за текот на сезоната шефот на стручниот штаб на Пехчево вели дека неговиот тим заслужил, според игрите, и многу повеќе бодови, но младоста и неискуството си зедоа дел од данокот.

„Имавме една турбулентна сезона во која имаше подеми и падови. Сепак на крајот се добро се заврши. Факт дека имаме многу млада екипа и токму младоста и неискуството си го зедоа својот данок на некои од натпреварите. Немам апсолутно никакви замерки за моите играчи затоа што беше евидентно дека на секој натпревар го даваат својот максимумот. Токму желбата, мотивот и максималниот ангажман на секој дуел треба да бидат нашите водилки и низ следната сезона во единствената Втора лига“ - истакнува Варадиновски.